Утврдување на идентитет
Внимателно ја следев постапката пред Републички судски совет, за петте судии од кривичниот совет на Апелацискиот суд. Се разбира не сакав ништо да напишам пред да заврши постапката за да не му наштетам на некој од учесниците во постапката. За јавноста беше очигледно дека тука нешто не е во ред. Сепак до крај беше неизвесен конечниот резултат.
Треба само да се запрашаме дали луѓето кои беа иницијатори требаше да одат до крај или сепак да го затворат овој предмет, со оглед дека и така судтвото е најслаба точка во државата и не му требаат нови експерименти од ваков вид.
Независно и ефикасно судство е сеуште далеку од нашата реалност. Сметам дека секој човек што повел судска постапка се уверил во тоа, освен ако не се работи за посапка со политичка позадина во интерес на владејачката гарнитура или монтирана постапка, кои единствено можат да завршат брзо. Сите други постапки трајат недозволено долго иако има начин да завршуваат побрзо. Тоа требаше да го реши оваа политичка гарнитура, во изминатите четири години, но таа не е ни блиску до тоа. Ако го погледнете развојот на судските реформи историски, ќе забележите дека оваа власт до сега само ги спроведуваше реформите што беа утврдени од предходната. Вие можете да зборувате дека ќе правите други реформи во правосудниот систем или дека ќе правите нови затвори, но треба да објасните зошто тоа не го направивте во изминатите четири години. Власта се менува ако не ги исполни ветувањата, а оваа власт има уште најмногу две години, ако не направи предвремени избори.
Да се вратам на постапката пред Републички судски совет и кои грешки се направени во оваа постапка.
Самото поведување на постапката против судијката Виолета Дума е грешка, како што тоа го потврди целокупната стручна јавност- Предсадателот на Апелациониот суд Митриновски, Јавниот Обвинител Шврговски и адвокатите на судиите против кои се водеше постапката.
Проширувањето на постапката за уште четворица судии од истиот совет, за да се прикрие омразата која постои спрема судијката Дума, а потекнува од конфронтациите со Филимена Маневска која и двете не ја кријат.
Ваквата постапка предизвика бранувања особено кај судската јавност, па за да се амортизира хаваријата со пет судии се избира елиминација само на двајца што исто така е грешка, бидејќи не постои логично образложение ниту за граѓаните ни за стручнаа јавност. Вториот судија Владо Џивлиџиев е избран само поради тоа што бил судија известител, па наводно не ги информирал другите судии за идентитетот на обвинетиот, за кој предмет е и поведена постапката пртов нив. Овде комплетно изостанува солидарноста помеѓу судиите и одсега тие ќе бидат уште полесен плен во други постапки.
Поради тоа доаѓа до хаос во самото судство, улогата на РСС целосно се девалвира. Тоа се гледа од фактот што изјавите на дел од судиите се спротивставени една на друга, најверојато поради тоа што тие сакале да се спасат од негативната одлука на советот. Спротивставени изјави на ЈО на РМ со изјавата на Председателот на Апелациониот суд, и онаа на Министерот за правда, како и спротивставените ставови помеѓу членовите на Републочкиот судски совет.
Од големо значење е целосната апстиненција на Здружението на судиите пред јавноста, која е во спротивност со основачките и статутарните цели на ова здружение, поради што се доведува во прашање оправданоста за неговото постоење воопшто.
Коркмас Хаки или Ибрахим Ќилиќ е лицето чиј идентиет не е утврден, а поради тоа е поведена постапка против овие судии, иако утврдувањето на идентитетот, како што изјави и Председателот на Апелациониот суд е во надлежност на првостепениот суд. Ова е многу важно стручно прашање, но сметам дека и на секој обичен граѓанин му е јасно што значи утврдување на идентитет. Кога ќе почне постапката пред првостепениот суд, прво што се утврдува идентитетот на сторителот на кривичното дело, се изнесуваат податоците за тоа кој е обвинетиот што се товари за конкретното кривично дело и потоа постапката продолжува. Замислете да донесете првостепена пресуда, а да не сте го утврдиле идендитетот на обвинетиот. Тоа може да се случи само во комедијата на Нушиќ “Сомнително лице”. Во реалното судство тоа не треба ни да се помисли.
Овинетиот чиј идентитет не е утврден се бранел дека не зграшил, туку се нашол во погрешно времe на погрешно место, па произлегува дека и петте судии имале иста судбина бидејќи суделе во погрешен момент.
Грешките кои се направени не треба да се повторуваат, за да можеме да ги изградиме демократските вредности на општеството кон кое се стремиме.
Сега судбината на судството во Република Македонија е во рацете на Врховниот суд. Тој има шанса со една издржана одлука да ги исправи сите предходни грешки. Затоа што тие треба да се исправаат, а не да се продицираат една на друга и покрај влијанието кое власта го има во Врховниот суд, сепак судот треба да биде над се и над сите. На власта овој случај нама да и биде од пресудно значење но на државата ќе и биде од голема полза неговата правична разрешница.
Републичкиот судски совет со овој случај повторно го отвори прашањето за своите ингеренции. Во секој случај тој не може сам да донесува општи акти, од кои еден e веќе укинат од страна на Уставниот суд, туку треба да постапува во согласност со Уставот и Законот. Ако смета дека одредени прашања не се решени треба да покрене иницијатива за промена на Законот.
Александар Даштевски
Авторот е магистар по Меѓународни односи и дипломатија